Криминал во ЈП Македонски шуми
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека од Одделението за економски криминал при СВР Скопје до надлежното Јавно обвинителство поднеле кривична пријава против лицата Љ.Г.(50), Љ.Б.(59), П.Г.(54), М.С.(59), В.Г.(40), Б.Т.(49), К.Д.(33), Џ.Ј.(38), А.Н.(66), З.С.(52), И.Р.(59) и Ѕ.К.(46), сите вработени како одговорни лица во ПШС КАРАЏИЦА при ЈП „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ - Скопје, пријавени за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, дело казниво по чл.353 од КЗ на РМ, како и против лицата Н.М.(39), С.Л.(48), М.Б.(33), Р.Ш.(51), Ќ.Б.(38), Д.Н.(45), А.А.(36), Т.Р.(37), Б.Ѓ.(50), Н.Д.(36), Ш.Д.(42), М.А.(54), А.Т.(31), А.Д.(25), Г.Н.(42), Н.Д.(23) и И.И.(52), сите невработени пријавени за кривичното дело Помагање, дело казниво по чл.24 ст.1 в.в. со чл.353 од КЗ на РМ.
Со кривичната пријава деветте одговорни лица во ПШС КАРАЏИЦА, со знаење на нивните претпоставени лица (З.С., И.Р. и Ѕ.К.) со цел да се стекнат со противправна имотна корист во текот на 2005 година и 2007 година изготвиле испратници за превоз на 1650,9 м3 огревно дрво сопственост на РМ во износ од 4.478.293,00 денари, при што со помош на превозниците, дрвата ги продавале на лица во Скопје, а со цел да го прикријат незаконитото работење изготвувале месечни извештаи во кои наведувале дека дрвата се однесени во складовите на ПШС Караџица, додека парите од продажбата ги делеле меѓусебно.
Од МВР објаснуваат дека одговорните лица во ПШС Караџица биле овластени да изготвуваат документ-испратница за превоз на огревно дрво и да го организираат превозот на огревно дрво. Во 2005 година пет од одговорните лица во ПШС Караџица издале вкупно 25 испратници за превоз на 207,2 м3 огревно дрво во вредност од 550.115,00 денари со кои биле задолжени четворица од превозниците, кои пак биле должни дрвата да ги однесат во складовите на ПШС Караџица. Наместо тоа, превозниците дрвата ги продале на лица од Скопје. Незаконитата продажба е одобрена од одговорните лица кои, иако биле должни да проверат дали во складовите биле раздолжени дрвата по издадените испратници, истите на превозниците повторно им издавале испратници за нов превоз на дрва. Испратниците биле изготвувани во четири примероци од кои еден примерок останувал во кочанот, а другите три се давале на превозниците. Од тие три примероци еден останувал во складот, еден се предавал во ПШС Караџица а третиот останувал кај превозникот кој го приложувал кај одговорното лице за задолжување на нова испратница за превоз на дрва. Понатаму одговорните лица со цел да го прикријат назаконитото работење изготвувале невистинити месечни извештаи во кои било наведено дека дрвата се однесени во складовите. Ваквите извештаи биле потврдувани од тројцата претпоставени лица, иако истите знаеле дека дрвата не се однесени во складовите.
Во 2007 година, осум од одговорните лица во ПШС Караџица изготвиле вкупно 160 испратници за превоз на вкупно 1443,7 м3 огревно дрво во вредност од 3.928.178,00 денари, при што одговорните лица и нивните претпоставени злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување им дозволиле на превозниците да извршат незаконска продажба на огревно дрво сопственост на РМ, а паричните средства од продажбата ги делеле меѓу себе. Осумте одговорни лица изготвувале месечни извештаи за извршен превоз на дрва до складовите во кои невистинито наведувале дека дрвата се наводно однесени во истите, а нивните претпоставени го потврдувале превозот иако знаеле дека тоа не е така.
Таквите месечни извештаи биле доставувани до ПШС Караџица каде е извршено усогласување на извештаите за испорачани дрва со извештаите за примени дрва во складовите, при што било утврдено дека предметните дрва не се раздолжени, но сепак не се преземени мерки за прекратување и санкционирање на незаконската продажба на огревно дрво. Со цел да се прикрие противправната продажба на дрва, во сметководството на ПШС Караџица нераздолжените дрва се евидентирани како ненаплатени побарувања од правни лица со кои претходно биле склучувани договори за превоз на огревно дрво. На ваков начин дваесетидеветте пријавени ги сториле горенаведените кривични дела и се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 4.478.293,00 денари за која сума и го оштетиле ЈП МАКЕДОНСКИ ШУМИ-ПШС Караџица Скопје.
No comments