Организирани дрвокрадци масовно ги пустошат македонските шуми
Се пустоши шумскиот фонд на Јакупица. На планинскиот масив под Солунска Глава преку селото Папрадиште до селото Нежилово има се помалку букова и дабова шума. Таму само годинава се исечени над 20 илјади просторни метри дрвја. Шумата ја сечат познати и непознати луѓе за мештаните. Насекаде брчат рачните моторни пили. Паѓаат здрави стебла и стари помеѓу дваесет и триесет години. Нив ги сечат близу до коренот, стебло до стебло и по масовната гола сеча оставаат големи дупки во шумскиот предел. Пред селото Папрадиште, над и под патот, оставија пустош кој директно ќе се одрази врз земјата. Жителите стравуваат дека сега ќе се појави ерозија и земјата ќе се свлече. Така ќе им го затрупа патот и ќе ги отсече од цивилизацијата. Тие секојдневно гледаат што се случува, знаат кој ги сече дрвјата. Се сомневаат во организирана мафија но се плашат да зборуваат.
Сведоци на уништувањето на шумата се и планинарите. Раскажуваат како групи на луѓе, меѓусебно организирани, ги сечат дрвјата, ги влечат до патот, ги товараат и ги транспортираат. Но никој не знае каде завршува огревното дрво, само претпоставуваат колкава е нивната заработувачка.
-Тука се вмешани многу луѓе. Ова е доходовен бизнис за сите нив. Сечат, влечат, товараат, продаваат и делат пари. Како поинаку преку ноќ можат да изградат огромни куќи, да купуваат коли и да изигруваат локални шерифи. Ја преораа планината и сечат здрави дрвја, наместо да ги соберат илјадниците трули и паднати стебла кај местото Плавник над селото Папрадиште. Дел од стеблата ја поклопија Чеплеска река и таму не беше ризично летово кога водата не течеше во голема количина. Сега, кога таа надојде и нема каде да тече, ќе избие на локација на која што најмалку се очекува и ќе направи голема штета, раскажа планинар.
И не само планинари, туку и жителите на овие села се неми сведоци на секојдневните бесправни сечи. Тие велат дека мораат да молчат за да не им се реваншираат кога ќе побараат дозвола да исечат дрвја од својата корија. Се сомневаат дека штом проговорат , под ризик ќе го доведат личното право да исечат по десетина метри просторни дрва за огрев.
-Не е воопшто лесно да излезеш на крај со луѓето од кои што лично зависиш. Се гледаме и се знаеме. Како многумина добија дозвола да исечат десет или петанесетина просторни метри од приватната сеча и се нафатија да сечат и по десет пати повеќе од државната шума. Тоа значи дека дозволата лесно ќе ја извадиш но ќе ти го злоупотребат името. Свесно се нафаќаш да направиш кривично дело, на пример, да исечеш десет просторни метри од сопствената и уште неколкупати повеќе од државната шума. Дрвјата што се во државна сопственост ги земаат тие, а тебе ти останува до дома да си ги донесеш само стеблата од приватната сеча, вели сопственик на корија.
Дозволите за сеча, според новиот закон за шуми ги издаваат дваесет фирми во државата. Една од нив е велешката Биоинженеринг. Од таму велат дека има страшни злоупотреби со дозволите за сеча. Тие ги издавале откако на лице место маркирале каде да се сече. Се оградија од тоа, што потоа се случува на обележаната корија.
-Годинава издадовме над стотина дозволи за сеча на повеќе локации во регионот. Сите до една се издадени откако шумските техничари ги посетија кориите и ставија граница. Но она што се случува на терен говори за тоа дека не се почитува границата и се сече од државната шума, рекоа од Биоинжинеринг.
До оние кои безмилосно ги сечат шумите тешко се стигнува. Брчењето на моторната пила се слуша надалеку, но штом тргнеш во потрага по нив, тие исчезнуваат од лице место. Ова остава впечаток дека едни чуваат стража, други, сечат. Штом забележат дека им се приближуваат непознати луѓе одеднаш исчезнуваат. Многу често телефонските дојави ги спасуваат крадците од полицијата но и од новинарите.
Наместо виновниците и сторителите на кривични дела, бесправна сеча на шума, единствени соговорници се мештаните во селата на планината. Тие се револтирани и стравуваат за својата како и за безбедноста на своите семејства. Нивниот гнев го предизвикуваат и претоварените камиони со кои што се врши транспортот на дрва преку локалните патишта. Така арамиите им ја уништуваат патната инфраструктура која одамна не е обновена. Дел од нив се плашат дека ќе останат и без патот до селото Папрадиште бидејќи огромна површина нагола сеча има над и под патот. Тие тврдат дека земјата се свлекува и не се знае кога ќе го затрупа патот.
А токму ваквата глетка ги фрапираше велешките екологисти и членовите на Зелената партија. Кога неодамна го посетија Папрадиште сакајќи да ја обзнанат иницијативата за прогласување на Јакупица за национален парк, имаа што да видат. На лице место се чудеа и професорите на природно математичкиот факултет и се прашуваа кој стои зад уништените шумски предели. И додека експертите коментираа дека гола сеча единствено се прави кога дрвјата се стари или нападнати од штетници, претседателката на ДОМ Лилјана Поповска рече дека треба да се вклучи алармот за спас на шумата, а виновниците да се откријат и да се казнат.
- Во парламентот донесовме закон за шуми со нови построги правила. Разочарана сум зошто тој закон не функционира така како што треба. Мора да се види кои од институциите не си ја вршат работата, каде се случува пропуст и која алка од синџирот е скршена, рече Поповска.
-Очекуваме под итно надлежните институции да превземат мерки за запирање на сечата, рече д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“.
Одговорните институции, сите до една, знаат што им се случува на терен, и се правдаат дека немаат механизам да се одбранат, бидејќи во акциите на бесправните сечи, кои траеле со денови, учествувале голем број на луѓе. Дури и шумарите задолжени да ги контролираат шумите се плашеле да им се спротивстават од страв дека можеле да налетаат на вооружени арамии.
-Не е воопшто лесно да си на лице место, таму на терен и очи во очи со дивите сечачи. Деновиве едвај излеговме накрај со кражба на 70 метри просторни дрва. И покрај ригорозните казни, тешко се застанува на патот на тој што наумил да украде дрвја, рече Горан Наунчев, директор на Шумско стопанство Бабуна во Велес.
Статистиката на претпријатието покажува дека во првите пет месеци од годинава, се поднесени вкупно 32 прекршочни и кривични пријави за сторени кражби. Тогаш се запленети 170 метри кубни огревно дрво, трактори, приколки и камиони. Сите крадци се соочени со казни што ги пропишува новиот Закон за шуми. Најмалку три години затвор ќе добие крадецот на едно или повеќе стебла, додека пет години за тие што ќе се обидат да ги продадат. До денес за шумска кражба никој не лежел во затвор, а многумина платите глоба. Но ова не ги колеба да продолжат да крадат.
За ваквата состојба претставници на партијата ДОМ и загрижени граѓани реагираа во Јавното претпријатие Македонски шуми. Остварија средба со директорот Златко Караџоски. Му ја соопштиле еколошката катастрофа што се случува на планината Јакупица. Од него побарале да превземе итни мерки, да ја запре дивата сеча.
-Од Караџоски добивме поддршка за превземената иницијатива за спас на шумскиот фонд. Тој ни соопшти дека шумарите се постојано на терен, следат и ги пренесуваат во централата сите информации за сечата на дрвја. Проблемот е во тоа што голем број институции се надлежни за сечата.
![]() |
Лилјана Поповска |
Координација се прави, но очигледно дека се вмешуваат локални коалиции и за жал им прогледнуваат низ прсти на дивите сечачи. Клучна алка меѓу нив е шумската полиција. Таа го прави најголемиот пропуст. Агенциите издаваат дозволи, инспекторите контролираат, но шумската полиција е таа која открива и треба да санционира на лице место. Ако таа на лице место не напише документ според кој е откриена кражба на дрва, тогаш ништо од борбата против организираните крадци на огревно дрво. Токму затоа побаравме средба со првите луѓе на државниот инспекторат за шуми, рече Поповска.
И додека пратеничката и граѓаните се обидуваат да ги спасат шумите во еден од најубавите предели во централна Македонија, состојбата на терен покажува дека за крадци можат да бидат прогласени и наивни луѓе. Тоа е случајот на семејството Димовски од Скопје. Тие имаат кории во местото Змијарник над селото Нежилово. Таму со дозвола за сеча исекле 40 метри просторни дрва. Стрмниот и непристапен терен ги принудил да ги симнат три километри подолу и да ги наредат на патот. На тоа место можеле да ги товарат во камиони. Но ги снајде невоља затоа што шумарот не им удрил жиг, таму каде што ги исекле, а долу ги сардиса шумската полиција. Единствен излез да се одбранат од заплената видоа во новинарите. Ги повикаа за да снимат што се им се случува и како со уредно издадени документи, останаа без сопствените дрва.
![]() |
семејство Димовски |
-Стрмно е камион не може да влезе и дотурот е вршен со коњи. Сега шумскава полиција најде дека неправелно се донесени до пат без жиг. Сега немаме ни решение за забрана за сеча, немаме ни документ а тие ни ги одземаат дрвјата. Имаат некој лист кој пишува дека треба да се одземат дрвата од место Рашаник, а ова е во Змијарник и тоа е контрадикторно, рече Лидија Димовска.
Димовски правдата ќе ја бараат на суд, затоа што сметаат дека се жртви на неажурното работење на државните институции. Тврдеа дека некој фрлил око на нивните дрва и наместо кај нив дома, ќе завршат во туѓ двор.
No comments